Проектот „Лактивист“

Автор на проект „Лактивист“ е Џенифер Лејкок која е уредник и автор на текстови за веб страната searshengineguide.com . Нејзината цел е да започне Интернет бизнис од дома во рок од 30 дена а притоа презентирајќи ги преземените чекори во форма на дневни извештаи на споменатата веб страна. Основната замисла на Џенифер е да покаже дека скоро секој, доколку се посвети доволно, може да започне бизнис од дома користејќи ги предностите на Интернетот, подеднакво сметајќи и на мајките и домаќинките, бидејќи и самата додека работи на проектот се грижи и за својата втора, новородена ќерка, а исто така ги извршува останатите обврски во домот додека сопругот оди на работа.

Доколку сеуште сметате дека немате потенцијал да започнете сопствен Интернет бизнис можеби проектот „Лактивист“ ќе ве разубеди и ќе ве поттикне и вие да го активирате сопствениот потенцијал. Така, наместо да гледате телевизија, да решавате крстозбори, да правите празни муабети на МСН, мрежно да играте или цел ден да сурфате по порно сајтови, можете да научите нешто корисно и да заработите.

Со овој проект Џенифер за прв пат се обидува да започне сопствен Интернет бизнис а нејзина предност е тоа што од работењето на интернет има одредено искуство во интернет маркетингот како и стекнато многу познанства а дел од нив ќе ги искористи како помош во одредени моменти при креирањето на овој бизнис. Џенифер, за целите на проектот настојува да не потроши средства од сопствен џеб туку ги користи бесплатните ресурси кои што се нудат на Интернет. Понатаму, во текот на работата дел од заработените средства ќе ги реинвестира.

Од неколкуте опции што и стојат на располагање за започнување на Интернет бизнис без инвестиции се одлучува да започне сo продажба на маици и други производи од палетата на CafePress.com на кои ќе постави сопствени дизајни на тема „доење“. (Како што и неколку пати претходно спомнавме, КафеПрес е веб страна која што овозможува да продавате нивни производи со ваш дизајн). Тематиката која што ја одбира Џенифер е спечифична, т.е се работи за мал пазарен сегмент, но сепак според нејзините претходни сознанија постои популација која што би била заинтересирана за такви производи. Дизајните на Џенифер се ограничени на чист текст со варијации во фонтот бидејќи, како што вели и самата, нема скоро никакво искуство во графичко дизајнирање. Во текстовите преовладува хумор и се среќаваа текстови од типот на „Јадете кај мама“, „100% природна храна“, „My kid sucks“ и слично.

За да го искористи потенцијалот на посетителите, освен сопствените дизајни Џенифер вклучува и афилијативни линкови за препроджба и на други дизајни од КафеПрес како и од Amazon.com. Исто така ги интегрира и текстуалните рекламите од АдСенс програмата на Гугл како и визулените реклами од Chitika.com.

За напредокот на проектот и преземените дејствија Џенифер известува детално објаснувајќи какви чекори презема и кои ресурси ги користи. Освен тоа што несебично ги споделува сите свои тајни и успеси, таа известува и за направените грешки при работењето на проектот а дневно известува и за остварените посети и остварените приходи .

Од многуте корисни информации кои што може да се најдат во статиите на Џенифер би споменале само некои како што се тие за регистрација на домен, закуп на хостинг, користење на веб статистика и аналитика, користење на веб темплејти, аутсорсинг, како и други корисни податоци од областа на Интернет маркетингот. Својата веб страна Џенифер ја промовира со ППЦ рекламирање, преку еБеј, како и со органска оптимизација на пребарувањето при што детално опишува некои од своите постапки. Како најсилно промотивно оружје кое што и носи и најголем број на пости е т.н. виртуелен маркетинг т.е. ширејќи глас и воспоставувајќи позитивен публицитет за проектот во Интернет заедницата, притоа максимално го користи своето претходно искуство во таа област како и хуманитарниот призвук на проектот донирајќи дел од остварените приходи на една Банка за мајчино млеко во Охајо. Како резултат на тоа Џенифер успева да добие голем број линкови од најразлични веб страни за мајчинство но и страни од областа на Интернет маркетингот и започнувањето на Интернет бизниси. Паралелно со продавницата Џенифер стартува и блог каде што објавува написи за доењето со мајчино млеко и подигање на свеста за доење во јавност, и го користи како алатка за промоција на производите во продавницата.

Од почетокот, во период од околу триесетина дена веб страните на проектот „Лактивист“ го посетуваат преку 10.000 интернет корисници. Првата продажба е остварена четвртиот ден додека вкупно е остварен профит од 362 УСД не сметајќи го вложениот труд. По истекот на предвидените 30 дена Џенифер престанува да известува за понатамошниот развој на проектот но сепак издава бесплатна е-книга во која ги вметнува сите 30 претходно објавени веб статии. Е-книгата може да се симне на searchengineguide.com/ebooks/30DayBook.pdf

Без да навлегуваме во степенот на успешност на проектот, можеме да заклучиме дека, проектот како и издадената е-книга во себе содржат голем број на информации корисни за сите почетници воедно давајќи им и инспирација и поттик самите да пробаат да запливаат во водите на Интернет бизнисот. Доколку може Џенифер можете и вие! Изговорот дека таа сепак имала некакво претходно искуство и контакти не држи затоа што и нив ги стекнала со седење пред компјутерот. И најдолгото патување започнува со првиот чекор! А Вие, доколку се уште не сте го направиле првиот чекор, сторете го тоа уште денес!

No comments: