Регистрација на домен и хостинг

Во најголемиот број на случаи започнувањето на Интернет бизнис подразбира изработка на сопствена WEB страна. За да биде страната достапна на интернет посетителите, истата треба да се постави на сервер (хостинг) и треба да и се додели конкретна WEB адреса т.е. домен. Никогаш не било полесно и поевтино да се регистрира домен и да се обезбеди хостинг како што е тоа во денешно време.

Прво што треба да направите за да поседувате сопствена WEB страна е да регистрирате домен кој што претставува глобална адреса за вашата страна преку која посетителите ширум светот ќе ве пронаоѓаат. Хостингот е дополнителна услуга и подразбира обезбедување на простор (сервер) каде што ќе смести WEB страна со сите свои под страници.

Изборот на домен т.е. WEB адреса е значаен момент во започнувањето на on-line бизнис. Зависно од тоа каде се наоѓа вашиот целен пазар, пожелно е да изберете соодветна наставка како и локација на серверот. Така на пример за да настапувате во Велика Британија .co.uk во Европската Унија .eu или во Македонија .com.mk. Наставката .com е карактеристична за САД но воедно е универзална за секаде низ светот. Откако ќе го регистрирате доменот тој претставува ваша сопственост и е клучна капитална инвестиција за вашиот интернет бизнис на долг рок. Наспроти тоа хостингот можете да го смените кога ќе посакате зависно од потребите.

Поради огромниот број на интернет страни изборот на соодветен назив за домен претставува вистински проблем особено кога е во прашање наставката .com бидејќи сите добри називи и сите адреси со шест или помалку букви се веќе регистрирани. Сигурно ќе ве изненади фактот дека и адресата budala.com е веќе регистрирана. Кога ќе одбирате назив за домен најважно е тоа лесно да се изговара и да се памети а по можност и да алудира на содржината на WEB страната.

Реалната цена за регистрација на .com домен е околу $10 годишно. Притоа многу поважно од цената е сигурноста на доменот поради можна кражба и затоа треба да се одбере сигурен партнер за регистрација. Една од страниците на која што може да се регистрира .com домен и од Македонија е goDeddy.com за цена од $9,19. Притоа ви е потребна кредитна картичка или дебитна VISA Electron катричка од било која домашна банка. За да извадите дебитна картичка не се потребну никакви услови но доколку одлучите да ја кориситите не заборавајте однапред да внесете одредени средства за да може да се изврши трансакцијата.

За да регистрирате домен со com.mk наставка потребно е да имате и фирма кој што ќе биде носител на а регистрацијата се врши преку македонскиот регистар на домени МарНет (dns.marnet.net.mk) за 10 евра годишно.

Откако ќе ја изработите првата верзија на WEB страната потребно е да обезбедите и хостинг каде што истата и ќе ја сместите. На goDady.com исто така можете да купите и хостинг простор за $3.99 месечно за 5GB што е сосема доволно за почеток. Понатаму, доколку имате потреба за повеќе простор можете во секое време да го надградите или да го смените за друг хостинг провајдер. Доколку се одлучите за некој друг екстра евтин хостинг, освен големината на просторот внимајвајте и на Bandwidth-от (капацитет на проток) како и на поддршката на разните WEB формати (asp, php xhtml sql и сл.) во зависност од вашите потреби.

Доколку сеуште немате идеја, почетник сте или пак не сте сигурни дека ќе успеете да ја вратите скромната инвестиција најдобро е, за почеток, да искористите некоја од понудите за бесплатен sub domain хостин како што се 50webs.com и atspace.com. На 50webs.com ќе добиете 60MB WEB простор, FTP пристап и можност за 30 под адреси. Она што е исто така битно кај овие два провајдера е фактот што не емитуваат сопствени реклами на вашата страна што не е случај со многу други бесплатни хостинзи. Негативно е тоа што постои можност да се качуваат фајлови не поголеми од 200KB и поддржуваат само html формат. На 50webs.com исто така можете вашиот регистриран .com домен да го поврзете со бесплатниот хостинг што ќе ви овозможи да заштедите на месечна претплата се додека не ви се јави потреба за вистински хостинг.

Сите оние кои за првпат се среќаваат со проблематиката за изградба на WEB страни, највероајтно, поголемот дел од споменатите термини и не ги разбираат. Меѓутоа тоа не треба да ги исплаши туку, напротив, траба повеќе да ги мотивира да седнат пред компјутер и подетално да се информираат. Одлична дестинација за запознавање со основните термини кои што се употребуваат на Интернет е Wikipeda.com.

Изработка на WEB страна

WEB страната претставува виртуелниот простор, каде што посетителите се сретнуваат со понудата. Без разлика дали на посетителите ќе им понудиме информации, WEB услуги или производи, WEB страната претставува основен елемент на on-line бизнисот од што во голема мерка ќе зависи целокупниот успех.

Благодарение не развојот на софтверот, како и on-line алатките, изработката на WEB страни од ден на ден станува се поедноставна и за просечните корисници на Интернет. Сепак, покомплексните WEB решенија бараат знаење на повисоко ниво како и соодветно искуство. Во почетокот, кога се обидувате да навлезете во водите на Интернет бизнисот и да стекнете сопствено искуство најдобро е да се потпирате на сопственото знаење и самите да си ги изработувате WEB страните. Понатаму, како вашите проекти ќе созреваат и растат можете да ангажирате и професионалци за WEB дизајн.

Најлесен начин да се изработуваат веб страни е со помош на така наречените
WEB сајт билдери кои претставуваат софтверски алатки кои значително го олеснуваат WEB дизајнот. WEB билдерите може да се поделат на on-line и off-line билдери во зависност од принципот на кој што функционираат.

Изработката на блоговите за кои што говоревме се одвива преку еден вид на on-line билдери. Како најпознати блог сервери ќе ги спомнеме wordpress.org и blogger.com кои преку drag and drop функцијата значително ја олеснуваат изработката на web страните. Поради едноставноста на употребата блоговите претставуваат исклучително популарни и се користат од голем број на поединци. Како недостаток кај блоговите можеме да ја наведеме малата можност за промени на дадениот концепт на поставеност на страните.

Многу сличен на концепт на on-line билдер како оној кај блоговите може да се најде и на pages.google.com каде добивате и ваш поддомен.

Еден од најпрактичните On-line билдери кои што можете да ги користите без надокнада на било кој ваш домен и хостинг е joomla.org. Слично како кај блоговите но со поголема можност за кустомизација (сопствено прилагодување) на брз и лесен начин можете да го развивате вашиот WEB проект. Оваа алатка особено им ја препорачуваме на почетниците кои што ќе регистрираат сопствен домен и ќе обезбедат хостинг.

Off-Line билдерите претставуваат софтверски алатки за изработка на WEB страни кои што работат локално на вашиот компјутер. Откако ќе ја изработите WEB страната истата потребно е да ја качите на вашиот хостинг сервер со помош на FTP програма. Бесплатните Off-line билдери најчесто имаат повеќе недостатоци од предности но сепак можете да се обидете со еден од најпопуларните off-line билдер BlueVoda (vodahost.coм).

Доколку имате основни познавања од HTML ви препорачуваме е да ги прескокнете сајт билдерите и да започнете да работите со пософистициран софтвер за изработка на WEB страни како што се на пример MS FrontPage и Dreamweaver. Овие програми, освен изработката на едноставни страници нудат можност да се работат и сложени проекти кои автоматизирано ја организираат структурата на WEB страната и истата да ја качуваат на серверот по потреба, односно да функционираат слично како сајт билдерите. Други предности се тоа што постои голема можност за прилагодување на страните според вашите потреби и контролирање и менување на програмскиот код на страниците.

Без разлика на каков начин ќе се одлучите да ја изработувате вашата WEB страна користењето на WEB шаблони (templates) значително ќе ви ја олеснат работата. Шаблоните претставуваат однапред изработени графички решенија за WEB страните со што на вас останува да го прилагодите и да ги дополните со соодветна содржина. Дел од наведените програми имаат интегрирани шаблони а нови бесплатни би можеле да најдете на freewebtemplates.com и други слични страници.

Влезни линкови и Google PageRank

Изградбата на мрежа од влезни линкови, за која што говоревме претходно, ќе ви помогне да привлечете посетители преку самите линкови но и ќе го подобри рангирањето на вашата веб страна во пребарувачите. За влезни линкови ги третираме сите оние линкови кои што се наоѓаат на други веб страни насочени кон нашата.

Влезните линкови се еден од најзначајните елементи на оптимизацијата на пребарување. Причината поради која што пребарувачите даваат голема тежина на влезните линкови е поради тоа што се смета дека можноста за нивно контролирање и манипулирање е многу помала за разлика од внатрешните елементи на оптимизација.

Значењето на влезните линкови произлегува од две димензии. Првата димензија е квантитетот на линковите изразен преку PageRank-от (Популарност на веб страницата), додека втората димензија се однесува на квалитетот на влезните линкови и слободно може да се каже дека е со поголема важност од првата од аспект на оптимизацијата.

Популарноста на WEB страницата (Global link popularity) претставува концепт на мерење на вредноста на секоја WEB страница заснована на бројот на сите влезни линкови кон неа. Ваквиот концепт први го воведуваат од Google и го нарекуваат PageRank. Со помош на овој концепт Google исфрла високо релевантни резултати и за брзо време станува пребарувач број еден во светот. PageRank-от и денес претставува еден од главните фактори при рангирањето на резултатите од пребарувањето но не и единствен.

Концептот на системот кој што го поставуваат; Сергеј Брин и Лауренс Пејџ, основачите на Google, е навидум едноставен; Доколку страницата А има линк насочен кон страницата Б, тогаш страницата А го дава својот „глас“ за страницата Б. Колку повеќе гласови има една веб страницата толку е поголема нејзината важност. Притоа секој влезен линк нема иста вредност и зависи од популарноста на страницата од каде што доаѓа и бројот на други излезни линкови. Тоа значи дека PageRank-от на една веб страница ќе биде поголем доколку има поголем број на влезни линкови од страници со повисок PageRank што имаат помал број на други излезни линкови.

PageRank-от на една страница може да се движи од 0 па се до 100 милиони дури и повеќе. Вистинскиот PageRank останува деловна тајна за интерна употреба на Google додека Google Toolbar алатката (toolbar.google.com) покажува вредности помеѓу 0 за најмалку популарните и 10 за страниците со највисок PageRank. Се смета дека Google Toolbar мерачот е логаритамска скала од вистинските PageRank вредности. Како резултат на пресметката со логаритамска скала, многу полесно е да се постигне PageRank 4 отколку на пример 5 или 6. Логаритамската скала на Google Toolbar меѓу другото значи и дека страници со иста PageRank вредност во Toolbar-от може да имаат огромна разлика во вистинскиот PageRank.

Доколку сакаме да влијаеме во насока на зголемување на линк популарноста на одредена веб страна треба да имаме предвид дека: 1. PageRank-от е мерка за популарност на една веб страница, не на цела веб страна. Доколку се говори за популарност на веб страна тогаш се мисли на PageRank-от на почетната (index) страница на таа Веб страна бидејќи најчесто почетната страница е и со најголем PageRank. 2. Една веб страница може да има PageRank само ако е индексирана 3. Страници без линкови кон други страници трошат дел од PageRank-от бидејќи не го пренесуваат потенцијалот на својот глас кон другите страници внатре во структурата на веб страната. Тоа може да се реши на едноставен начин со поставување на еден повратен линк. 4. PageRank-от во рамките на една веб страна може да се зголеми на два начина: прво со порастот на бројот на страници во структурата на страната, иако ваквиот пораст е минимален поради малиот почетен PageRank, и второ со обезбедување на линкови од надвор. 5 PageRank-от во поодделните внатрешните страници може да се распореди на тој начин што кон позначајните страници ќе се постават најголем број на внатрешни и влезни линкови. 6. Излезните линкови од страницата предизвикуваат т.н. истекување на PageRank. Имено, наместо вредноста на линкови да се насочи внатре кон сајтот, со излезните линкови се пренесува надвор. Од тие причини се препорачува излезни линкови да се поставуваат на страници со помал PageRank, страници со поголем број внатрешни линкови или во линкот да се додаде атрибутот rel=”nofollow”.

Од аспект на Оптимизацијата на пребарување значајно е да се истакне дека PageRank-от е само еден од многуте фактори врз основа на кои што се врши рангирањето при пребарувањето, што значи дека не треба секогаш да се дава приоритет на зголемување PageRank-от.

Квалитетот на влезните линкови зависи од: употреба на клучни зборови во текстот на линкот, и сродноста на содржината на страната од каде што доаѓа надополнет со популарноста на таа веб страна.

Употребата на клучни зборови во текстот на влезните линкови е еден од најзначајните фактори на оптимизација на пребарување. Пример: Tekst na linkot . Линкот поставен на други WEB страни им укажува на пребарувачите за значењето на страницата во Интернет опкружувањето додека самиот текст во линкот директно укажува на темата и содржината на страницата кон која е посочен. Се разбира дека значењето на линкот е поголемо доколку тој доаѓа од страна со повисок PageRank но употребата на клучните зборови ја зголемуваат релевантноста на страницата токму за тие клучни зборови. Врз квалитетот на линкот и за тоа како ќе го третираат пребарувачите зависи и од текстот кој што непосредно го опкружува линкот.

За големото значење на влезните линкови и текстот на линкот при пребарувањето говори и еден интересен пример. Во септември 2006 година група на блогери со поставување на десетици линкови, успеале да издејствуваат, за терминот „miserable failure“ на прво место во главните пребарувачи да се појавува веб страницата со биографијата на Американскиот претседател Џорџ Буш. Посочената WEB страница не содржи нити еден од наведените зборовите, а сепак е постигнат саканиот ефект.

Од аспект на квалитетот и квантитетот на влезните линкови можеме да заклучиме дека; секој линк од било која индексирана страница има одредена вредност под услов да не се наоѓа во јава скрипта и да не го содржи nofollow атрибутот; Линкови од страници со повисок PageRank имаат поголема вредност од линкови од страници со понизок PageRank; колку повеќе излезни линкови има на една страница толку е помала вредноста на секој линк; линкови од сродни страници по содржина имаат повисока вредност; Вредноста на линкот е многу поголема доколку тој ги содржи клучните зборови за кои се оптимизира страницата.

Електронска препродажба – Афилијација

Дали некогаш сте размислувале да отворите бурекџилница на партизанска, бутик во центарот на градот или тезга на зелено пазарче? Електронската препродажба можеби не е класичен начин на трговија но затоа пак има голем број на предности. Прво не ви се потребни големи инвестиции. Се што ви треба е компјутер интернет врска и се разбира знаење. Дури немора да имате и сопствена WEB страна иако тоа е препорачливо за сите сериозни и долгорочни online бизниси. Исто така замислете да имате тезга на пазарче која работи 24 саата а вие немора ни да одите таму. При електронската препродажба немора ни да чувате залихи од производите што ги продавате а и немора вие да ги наплаќате и испорачувате до купувачите. Вашата задача е едноставна, да најдете заинтересирани купувачи и да им препорачувате соодветни производи. Доколку некој одлучи да купи вие ќе добиете соодветна провизија за тоа. Ваквиот систем на електронско посредување помеѓу продавачите и купувачите се нарекува и афилијација или афилијативна продажба. Постојат и некои други форми на електронска препродажба преку т.н. dropship дистрибутери за кои ќе говориме во некоја наредна прилика.

Преку афилијација може да се понудат голем број на разновидни производи и услуги или со други зборови буквално се што се нуди на интернет може да се понуди и преку афилијација. Меѓу актуелните дејности за афилијација ќе споменеме: облека, канцелариски материјали, мебел, спортските обложувања, туристичките услуги, софтвер, online едукација, диети, храна и пијалаци, осигурувања, медикаменти и многу други. Провизијата за остварената продажба се движи од 1% па до 50% зависно од видот и вредноста на производот како и од продавачот. Афилијацијата функционира на принцип на линкови кои водат до web страната на продавачот при што електронски се следи преку кој посредник пристигнал купувачот. Со повисоко ниво на познавања во WEB програмирањето може да постигне понудата на продавачот да биде интегрирана и во WEB страната на посредникот т.е. препродавачот.

Една од првите on-line продавници која што започна со ширење на мрежа од афилијативни партнери е Амазон.цом која што воедно голем дел на својот успех го должи на илјадници партнери ширум светот кои што пак од друга страна добија можност да остварат исто така големи заработки. Денес постојат милиони продавачи кои што ги нудат своите производи и преку афилијативни партнери и нивниот број континуирано расте со што се збогатува и асортиманот на производи. Провизијата која што Амазон ја исплатува е 5% и е релативно ниска во однос на некои нови играчи кои што со цел да ги побијат своите производи нудат многу подобри услови.

На страната Associateprograms.com, која претставува своевиден директориум на афилијативни продавници и мрежи, можете да ги пребарувате и прегледувате понудите за афилијација со краток опис и услови. Доколку не сакате вашата понуда да ја ограничите на еден производител со ограничен асортиман и приклучете се на некоја од афилијативните мрежи кои што обединуваат огромен број на продавачи во еден систем. Такви мрежи се на пример LinkShare.com, ClickBank.com, performics.com итн. Како една од најуспешните мрежи поради големиот број на продавачи со различен асортиман поволните услови, како и можностите за работа и од Македонија ја препорачуваме CJ.com. Откако ќе се регистрирате на CJ ќе можете да ги разгледувате продавачите по категории и производите кои што ги нудат како и условите т.е. висината на провизијата и бонуси за количини. Прелистувајќи ја понудата можете да добиете одлични идеи за вашиот иден online бизнис.

За да постигнете успех во афилијативната препродажба потребно е да следите одредени непишани правила. Како прво пожелно е да имате свој dot.com домен иако производи можете да понудите и на некој ваш блог. Одберете некоја маркетинг нитка и обидете се да ја покриете со соодветни производи. Маркетинг нитка е многу мал пазарен сегмент кој што има одредени потреби но не е атрактивен за големите играчи. Со покривање на повеќе такви нитки можете да си обезбедите солидни заработки. Така наместо да продавате мебел за сите вкусови продавајте мебел од ореово дрво или шкавчиња за чевли. Притоа на посетителите понудете им избор по однос на цени, големина, боја итн. но не нудете премногу производи што ќе им го отежнат изборот на купувачите. И како една од најважните работи е да им понудите на посетителите содржина во смисол на корисни информации, критики, прегледи, коментари со што ќе им го задржите вниманието и ќе ги поттикнете на акција. Доколку WEB страната ја претворите само во гола понуда на афилијативните производи ќе постигнете спротивен ефект.

Следна и најтешка задача ќе ви биде да донесете посетители спремни да реагираат на вашата понуда.

До посетители преку пребарувачите

Интернет пребарувачите претставуваат најзначаен извор на нови посетители за on-line бизнисите. Според некои истражувања околу 50% од новите посетители на веб страните потекнуваат токму од пребарувачите. Само во САД во текот на еден месец има помеѓу 7 и 8 милијарди пребарувања. Пребарувач со најголемо учество во пребарувањата е Google со преку 50%. Следуваат Yahoo околу 20%, MSN со 12% и AOL 6% со тоа што АОЛ го користи пребарувачкиот систем на Google. Останатите пребарувачи имаат незначително поединечно учество во вкупните пребарувања.

Пребарувачите работат на принципот на внесување на клучни зборови или фрази врз основа на кои што се добива листа на релевантни резултати (веб страници) составени од наслов во форма на линк и краток опис. По внесувањето на клучните зборови, пребарувачот за извонредно кратко време, ги исфрла резултатите, т.е. оние страници кои што ги содржат внесените клучни зборови. Веб станите кои што ќе се појават меѓу првите 10 резултати, односно на првата страница со резултати, по правило добиваат најголем број од посетителите. Притоа од 1000 пребарувања првиот добива околу 800 клика, вториот 600, третиот 500 итн, додека помалку од 15% од посетителите на пребарувачот преминуваат на втората страница со резултати. Оттука е сосема јасно дека, за да се добијат посетители треба високо да се котира помеѓу резултатите, меѓутоа недвосмислено се наметнува прашањето зошто и како помеѓу стотици илјади и милиони резултати за одредени клучни зборови, некои страници котираат при врвот додека други се наоѓаат на втората, десеттата или сто и првата страница при пребарувањето.

За да ги рангираат резултатите по релевантност за внесените зборови, пребарувачите користат т.н. пребарувачки алгоритми. Алгоритмите вреднуваат преку 100 различни фактори од кои што зависи позицијата на рангираната веб страница. Паралелно со развојот на пребарувачките алгоритми, вебмастерите и уредниците на веб страници развиле техники за прилагодување на своите страници на барањата на алгоримите со цел да котираат повисоко во листата на резултати. Со текот на времето, техниките и методите на прилагодување на веб станите прераснуваат во комплексно знаење кое што се среќава под називот Search Engine Optimization (SEO) или Оптимизација на пребарувањето. Оптимизавијата на пребарувањето претставува континуирана и се послеожена активност воглавно поради два фактора. Прво, постои огромна конкуренција кој исто така цели кон повисоки места во пребарувачите и второ се поголемата софистицираност на алгоритмите кои што воедно се и деловна тајна на Интернет пребарувачите како заштита од можните злоупотреби и манипулации на листите со резултати.

Поради големата популарност на пребарувачите и Оптимизацијата има големо значење за Интернет бизнисите бидејќи нејзината примена носи бројни и квалитетини посетители на веб станите. Квалитетот на посетителите се должи на самиот факт дека пребарувањето се заснова на внесување на клучни зборови што значи дека тие имаат конкретна потреба поврзана со она што го пребаруваат и очекувано е да реагираат соодветно на понудата на веб страната на која што ќе пристигнат. Притоа и стапката на конверзија или очекуваниот профит на 1000 посетители е нејвисок вооднос на сите други методи на рекламирање на веб страните. Друга огромна предност на Оптимизацијата е тоа што секој посетител е бесплатно добиен (доколку не се смета вложениот труд), за разлика од некои други активности како што е на пример ППЦ рекламирањето.

За да се постигне успех на долг рок со оптимизацијата на пребарување најважно е да се креира содржина за посетителите, а не за пребарувачите што е грешка на голем број на веб уредници. Притоа, се разбира дека е важно да се следат и правилата на оптимизација. Од тие причини на Оптимизацијата треба да се гледа како на сеопфатен маркетиншки концепт чија цел е да се задоволат потребите на посетителите на долг рок. Тоа значи дека оптимизацијат не треба да е насочена само за првпат да ги прилвече посетителите туку тие да се претворат и во постојани посетители и клиенти а тоа ќе се постигне со креирање на квалитетна содржина и понуда. Во тој контекст, и развојот на Интернет пребарувачите е насочен кон служење на високо-релевантни резултати т.е. веб страни кои што нудат вистински вредности за посетителите.

Со оглед на тоа што Оптимизацијата на пребарувањето е комплексна активност следните неколку четвртоци ќе бидат посветени на ова проблематика. Во меѓувреме можете да се запознаете со тајните на оптимизација на следната адреса: www.seomoz.org/article/beginners-1-page