Изградба на мрежа од влезни линкови

Откако ќе купите домен и откако ќе ја поставите online првата страница од вашиот WEB време е да започнете со изградба на мрежа од влезни линкови. Влезни линкови се оние линкови кои што од други WEB страници водат кон вашата. Меѓусебното линкување постои откако постојат и првите WEB страни. Основната функција на линковите е преку нив посетителите да се движат низ Интернет мрежата. Со тоа WEB страните кои ќе обезбедат влезни линкови преку нив ќе добиваат и посетители. Од денешен аспект многу е тешко да се обезбедат квалитетни влезни линкови кои ќе носат и посетители.
Друга значајна улога на линковите произлегува од нивното вреднување од страна на Интернет пребарувачите. Имено колку повеќе и колку поквалитетни влезни линкови има една WEB страна толку поголемо значење и даваат пребарувачите со што добиваат и повеќе посетители бидејќи се повисоко рангирани во резултатите од пребарувањето. Ваквата улога на влезните линкови игра поголема улога бидејќи поголем број на посетители доаѓа преку пребарувачите отколку преку самите влезни линкови поставени на други WEB страни.
Поставувањето на влезните линкови треба да започне што поскоро дури и пред да биде целосно направена WEB страната. Главна причина за тоа е WEB страната што побрзо да биде индексирана од Интернет пребарувачите а еден од факторите на рангирање при пребарувањето е и староста на страната.
Постојат повеќе начини како да се обезбедат влезни линкови. Некои се повеќе ефективни некои помалку. Најдобар пристап е да се направи така наречена мамка за линкови т.е. да се создаваат уникатни содржини кои што ќе привлечат внимане со што другите уредници на WEB страни самите ќе поставуваат линкови кон нашата страна. Меѓутоа, ваквиот пристап не остварлив во сите ситуации.
При обезбедувањето на влезни линкови битно е да се знае дека не сите линкови имаат вредност од аспект на пребарувачите. Вообичаен линк изгледа вака: <a href="http://www.webstrana.com">Tekst na linkot</a> . Доколку линкот е редиректиран, се наоѓа во јава скрипта, има nofollow атрибут, или пак се наоѓа на страница која што не е индексирана, истиот нема вредност за пребарувачите. Во таков случај линкот би вредел само доколку преку него добиваме посетители.
Најлесен начин да се започне со изградба на влезни линкови е да се регистрираме на сродни по содржина форуми и во профилот да ја внесеме WEB адресата на нашата страна доколку тоа е дозволено. Пожелно е во форумот да дискутираме и доколку може во потписот да ја вметнеме WEB адресата. Исто така може да коментираме и на сродни блогови преку кои може да добиеме нови посетители. Треба да напомене дека пребарувачите, линковите во потписите на форумите и блоговите даваат се помала вредност или пак воопшто не ги индексираат. Во принцип колку полесно е да се обезбеди линк толку помала вредност има истиот кај пребарувачите, но за почеток и таквите линкови се значајни.
Друг начин да се обезбедат линкови е да се направи размена со други сродни WEB страни. Притоа може директно да се понуди размена на WEB страната или да се приклучиме кон некоја од бесплатните програми за размена како на пример linkmetro.com . При размена на линкови треба да се внимава да не се разменуваат линкови со WEB страни казнети од пребарувачите за неетички активности т.е. обиди за манипулација со резултатите од пребарувањето. Затоа треба да размениме линкови со не повеќе од 20 други сродни страници и редовно да проверуваме дали се во индексот на пребарувачите и дали имаат Google PageRank поголем од 0.
Доколку имате афинитет за пишување, преку програмите за размена на WEB статии можете да обезбедите квалитетни влезни линкови. Пишувајте статии тематски поврзани со вашата WEB страна и истите редовно објавувајте ги на ezinearticles.com. Со тоа не само што ќе добиете влезни линкови од EzineArticles , туку може и други уредници да се заинтересираат за вашите статии и да ги преземат на своите страни при што се обврзани да го остават и вашиот линк.
Изградбата на мрежа од влезни линкови е тежок и континуиран процес. Постојат многу начини како да се обезбедат линкови но нивното значење со тек на времето се менува а исто така се појавуваат и нови форми. Така на пример програмата за купување на линкови на text-link-ads.com освен што носеше квалитетни посетители имаше и соодветна тежина кај пребарувачите но од скоро нивното значење е релативизирано.
За да обезбедите линкови можете да ги искористите македонските директориуми како org.mk, newpages.com.mk, zk.com.mk, pogodok.com.mk и други. Обидетесе да обезбедите линк и од dmoz.org. Исто така не заборавајте доколку имате пријател кој што уредува некоја web страна да го замолите да постави еден линк и кон вашата со што може многу да ви помогне.

Проектот „Лактивист“

Автор на проект „Лактивист“ е Џенифер Лејкок која е уредник и автор на текстови за веб страната searshengineguide.com . Нејзината цел е да започне Интернет бизнис од дома во рок од 30 дена а притоа презентирајќи ги преземените чекори во форма на дневни извештаи на споменатата веб страна. Основната замисла на Џенифер е да покаже дека скоро секој, доколку се посвети доволно, може да започне бизнис од дома користејќи ги предностите на Интернетот, подеднакво сметајќи и на мајките и домаќинките, бидејќи и самата додека работи на проектот се грижи и за својата втора, новородена ќерка, а исто така ги извршува останатите обврски во домот додека сопругот оди на работа.

Доколку сеуште сметате дека немате потенцијал да започнете сопствен Интернет бизнис можеби проектот „Лактивист“ ќе ве разубеди и ќе ве поттикне и вие да го активирате сопствениот потенцијал. Така, наместо да гледате телевизија, да решавате крстозбори, да правите празни муабети на МСН, мрежно да играте или цел ден да сурфате по порно сајтови, можете да научите нешто корисно и да заработите.

Со овој проект Џенифер за прв пат се обидува да започне сопствен Интернет бизнис а нејзина предност е тоа што од работењето на интернет има одредено искуство во интернет маркетингот како и стекнато многу познанства а дел од нив ќе ги искористи како помош во одредени моменти при креирањето на овој бизнис. Џенифер, за целите на проектот настојува да не потроши средства од сопствен џеб туку ги користи бесплатните ресурси кои што се нудат на Интернет. Понатаму, во текот на работата дел од заработените средства ќе ги реинвестира.

Од неколкуте опции што и стојат на располагање за започнување на Интернет бизнис без инвестиции се одлучува да започне сo продажба на маици и други производи од палетата на CafePress.com на кои ќе постави сопствени дизајни на тема „доење“. (Како што и неколку пати претходно спомнавме, КафеПрес е веб страна која што овозможува да продавате нивни производи со ваш дизајн). Тематиката која што ја одбира Џенифер е спечифична, т.е се работи за мал пазарен сегмент, но сепак според нејзините претходни сознанија постои популација која што би била заинтересирана за такви производи. Дизајните на Џенифер се ограничени на чист текст со варијации во фонтот бидејќи, како што вели и самата, нема скоро никакво искуство во графичко дизајнирање. Во текстовите преовладува хумор и се среќаваа текстови од типот на „Јадете кај мама“, „100% природна храна“, „My kid sucks“ и слично.

За да го искористи потенцијалот на посетителите, освен сопствените дизајни Џенифер вклучува и афилијативни линкови за препроджба и на други дизајни од КафеПрес како и од Amazon.com. Исто така ги интегрира и текстуалните рекламите од АдСенс програмата на Гугл како и визулените реклами од Chitika.com.

За напредокот на проектот и преземените дејствија Џенифер известува детално објаснувајќи какви чекори презема и кои ресурси ги користи. Освен тоа што несебично ги споделува сите свои тајни и успеси, таа известува и за направените грешки при работењето на проектот а дневно известува и за остварените посети и остварените приходи .

Од многуте корисни информации кои што може да се најдат во статиите на Џенифер би споменале само некои како што се тие за регистрација на домен, закуп на хостинг, користење на веб статистика и аналитика, користење на веб темплејти, аутсорсинг, како и други корисни податоци од областа на Интернет маркетингот. Својата веб страна Џенифер ја промовира со ППЦ рекламирање, преку еБеј, како и со органска оптимизација на пребарувањето при што детално опишува некои од своите постапки. Како најсилно промотивно оружје кое што и носи и најголем број на пости е т.н. виртуелен маркетинг т.е. ширејќи глас и воспоставувајќи позитивен публицитет за проектот во Интернет заедницата, притоа максимално го користи своето претходно искуство во таа област како и хуманитарниот призвук на проектот донирајќи дел од остварените приходи на една Банка за мајчино млеко во Охајо. Како резултат на тоа Џенифер успева да добие голем број линкови од најразлични веб страни за мајчинство но и страни од областа на Интернет маркетингот и започнувањето на Интернет бизниси. Паралелно со продавницата Џенифер стартува и блог каде што објавува написи за доењето со мајчино млеко и подигање на свеста за доење во јавност, и го користи како алатка за промоција на производите во продавницата.

Од почетокот, во период од околу триесетина дена веб страните на проектот „Лактивист“ го посетуваат преку 10.000 интернет корисници. Првата продажба е остварена четвртиот ден додека вкупно е остварен профит од 362 УСД не сметајќи го вложениот труд. По истекот на предвидените 30 дена Џенифер престанува да известува за понатамошниот развој на проектот но сепак издава бесплатна е-книга во која ги вметнува сите 30 претходно објавени веб статии. Е-книгата може да се симне на searchengineguide.com/ebooks/30DayBook.pdf

Без да навлегуваме во степенот на успешност на проектот, можеме да заклучиме дека, проектот како и издадената е-книга во себе содржат голем број на информации корисни за сите почетници воедно давајќи им и инспирација и поттик самите да пробаат да запливаат во водите на Интернет бизнисот. Доколку може Џенифер можете и вие! Изговорот дека таа сепак имала некакво претходно искуство и контакти не држи затоа што и нив ги стекнала со седење пред компјутерот. И најдолгото патување започнува со првиот чекор! А Вие, доколку се уште не сте го направиле првиот чекор, сторете го тоа уште денес!

Продавница за маици со ваш дизајн

CafePress.com е една од WEB страните која што овозможува вашите графички дизајни да ги продавате испечатени на широк спектар на производи како маици, капи, блузони, шолји, постери, разгледници, налепници, беџови, торби итн. Притоа воопшто нетреба да се грижите за залихите бидејќи производите се печатат откако ќе бидат нарачани а вие нетреба да се грижите ниту за испораката.

За да продавате преку CafePress потребно е претходно да изработите дизајни во некоја од графичките програми. За да креирате дизајни што ќе се продаваат не е потребно да бидете експерт. Напротив, многу подобро се продаваат едноставните решенија направени без многу напор. Често се продаваат и дизајните кои што содржат само текст со досетлива содржина.

На адресата http://www.cafepress.com/cp/browse/allproducts.aspx, поделени по категории, можете да ги разгледате дизајните подредени според продаваноста. На тој начин можете да видите какви дизајни се нај продавани но можете да добиете и нови идеи.

Пред да започнете, изберете ја темата на кој ќе се однесуваат графичките решенија. Фокусирајте се на една тема и потрудете се да биде што поконкретна. Така на пример наместо категоријата хоби одберете подкатегорија астрологија, плетење или покер, а наместо спорт одберете, фудбал, кошарка или бејзбол. За почеток можете да користите и MS Paint и сликите да ги снимате во jpg формат со резолуција 1000х1000, а за да постигнете оптимален квалитет на сликите информирајте се на www.cafepress.com/cp/info/help/images.aspx

Откако бесплатно ќе се регистрирате на CafePress.com појдете во Media Basket > Images и качете ги претходно изработите дизајни. Веднаш потоа, не заборавајте да ја одберете и категоријата и да внесете описни зборови разделени со запирка во Tag/Keywords квадратчето.

Следниот чекор е да ги поставите дизајните на производи и истите да ги изложите на WEB страната. На почетната страница во рубриката Shop Management отворете ја вашата прва продавница во рамките на CafePress. Изберете ја варијантата Basic Shop која е бесплатна и потоа одберете име. Понатаму без многу да посветувате внимание на описите на продавницата продолжете кон додавање на производите. За најдобри резултати препорачливо е секој дизајн да го поставите одеднаш на сите производи. Тоа значи дека за секој различен дизајн треба да отворите нова продавница. По одредување на цената (на основната цена додавате маржа), производите се спремни за продажба.

Бидејќи и во рамките на CafePress има голема конкуренција не е едноставно да се продаде било каков дизајн. Друга причина за тоа е што дизајните/производите примарно се подредени по продаваност а вашите производи се нови и не се наоѓаат на таа листа. На страната исто така постои можност за посетителите производите да ги прелистуваат и од најновите кон најстарите со тоа што листа листа е помалку пребарувана. Од тие причини предлагаме да изработите минимум шест различни дизајни од една поткатегорија со што би задоволиле различни вкусови на посетителите. Поставувајте ги дизајните еден по друг за што ќе треба да отворите и шест бесплатни продавници. Доколку некој од производите се продаде ќе премине на листата на најпродавани и најверојатно ќе се продава почесто. Дизајните кои нема да се продадат по извесно време, повторно качете ги во Media Basket-от но со различно име и повторете ја целата постапка. Целта на ваквиот пристап е дизајните, кои што сметате дека се атрактивни, да се одржуваат високо во листа на нови производи за да се продадат како би преминале во листата на најпродавани.

Друг пристап за да се продаде преку страната на CafePress е да се фокусирате на нови настани и веднаш да креирате дизајни поврзани со настанот. На пример по исклучувањето на Плутон од листата на планети најпродавани дизајни беа од типот: Save Pluto, RIP Pluto и сл. Други такви настани кои што предизвикаа внимание и ја зголемија продажбата на соодветни маици беа, цунамито во Индонезија, ураганот Катрина, војната во Либан и Ирак, Изборите во САД, Светското првенство во фудбал итн.

Откако ќе ги остварите првите продажби и ќе бидете сигурни дека вашите дизајни се атрактивни и се продаваат можете слободно, после 15 дена да отворите и Premium Shop за $7 месечно. Предноста се состои во тоа што можете да поставувате бесконечно дизајни, истите да ги класифицирате по фолдери и можете да се посветите на промоција на продавницата и да привлечете посетители и надвор од CafePress.

Регистрација на домен и хостинг

Во најголемиот број на случаи започнувањето на Интернет бизнис подразбира изработка на сопствена WEB страна. За да биде страната достапна на интернет посетителите, истата треба да се постави на сервер (хостинг) и треба да и се додели конкретна WEB адреса т.е. домен. Никогаш не било полесно и поевтино да се регистрира домен и да се обезбеди хостинг како што е тоа во денешно време.

Прво што треба да направите за да поседувате сопствена WEB страна е да регистрирате домен кој што претставува глобална адреса за вашата страна преку која посетителите ширум светот ќе ве пронаоѓаат. Хостингот е дополнителна услуга и подразбира обезбедување на простор (сервер) каде што ќе смести WEB страна со сите свои под страници.

Изборот на домен т.е. WEB адреса е значаен момент во започнувањето на on-line бизнис. Зависно од тоа каде се наоѓа вашиот целен пазар, пожелно е да изберете соодветна наставка како и локација на серверот. Така на пример за да настапувате во Велика Британија .co.uk во Европската Унија .eu или во Македонија .com.mk. Наставката .com е карактеристична за САД но воедно е универзална за секаде низ светот. Откако ќе го регистрирате доменот тој претставува ваша сопственост и е клучна капитална инвестиција за вашиот интернет бизнис на долг рок. Наспроти тоа хостингот можете да го смените кога ќе посакате зависно од потребите.

Поради огромниот број на интернет страни изборот на соодветен назив за домен претставува вистински проблем особено кога е во прашање наставката .com бидејќи сите добри називи и сите адреси со шест или помалку букви се веќе регистрирани. Сигурно ќе ве изненади фактот дека и адресата budala.com е веќе регистрирана. Кога ќе одбирате назив за домен најважно е тоа лесно да се изговара и да се памети а по можност и да алудира на содржината на WEB страната.

Реалната цена за регистрација на .com домен е околу $10 годишно. Притоа многу поважно од цената е сигурноста на доменот поради можна кражба и затоа треба да се одбере сигурен партнер за регистрација. Една од страниците на која што може да се регистрира .com домен и од Македонија е goDeddy.com за цена од $9,19. Притоа ви е потребна кредитна картичка или дебитна VISA Electron катричка од било која домашна банка. За да извадите дебитна картичка не се потребну никакви услови но доколку одлучите да ја кориситите не заборавајте однапред да внесете одредени средства за да може да се изврши трансакцијата.

За да регистрирате домен со com.mk наставка потребно е да имате и фирма кој што ќе биде носител на а регистрацијата се врши преку македонскиот регистар на домени МарНет (dns.marnet.net.mk) за 10 евра годишно.

Откако ќе ја изработите првата верзија на WEB страната потребно е да обезбедите и хостинг каде што истата и ќе ја сместите. На goDady.com исто така можете да купите и хостинг простор за $3.99 месечно за 5GB што е сосема доволно за почеток. Понатаму, доколку имате потреба за повеќе простор можете во секое време да го надградите или да го смените за друг хостинг провајдер. Доколку се одлучите за некој друг екстра евтин хостинг, освен големината на просторот внимајвајте и на Bandwidth-от (капацитет на проток) како и на поддршката на разните WEB формати (asp, php xhtml sql и сл.) во зависност од вашите потреби.

Доколку сеуште немате идеја, почетник сте или пак не сте сигурни дека ќе успеете да ја вратите скромната инвестиција најдобро е, за почеток, да искористите некоја од понудите за бесплатен sub domain хостин како што се 50webs.com и atspace.com. На 50webs.com ќе добиете 60MB WEB простор, FTP пристап и можност за 30 под адреси. Она што е исто така битно кај овие два провајдера е фактот што не емитуваат сопствени реклами на вашата страна што не е случај со многу други бесплатни хостинзи. Негативно е тоа што постои можност да се качуваат фајлови не поголеми од 200KB и поддржуваат само html формат. На 50webs.com исто така можете вашиот регистриран .com домен да го поврзете со бесплатниот хостинг што ќе ви овозможи да заштедите на месечна претплата се додека не ви се јави потреба за вистински хостинг.

Сите оние кои за првпат се среќаваат со проблематиката за изградба на WEB страни, највероајтно, поголемот дел од споменатите термини и не ги разбираат. Меѓутоа тоа не треба да ги исплаши туку, напротив, траба повеќе да ги мотивира да седнат пред компјутер и подетално да се информираат. Одлична дестинација за запознавање со основните термини кои што се употребуваат на Интернет е Wikipeda.com.

Изработка на WEB страна

WEB страната претставува виртуелниот простор, каде што посетителите се сретнуваат со понудата. Без разлика дали на посетителите ќе им понудиме информации, WEB услуги или производи, WEB страната претставува основен елемент на on-line бизнисот од што во голема мерка ќе зависи целокупниот успех.

Благодарение не развојот на софтверот, како и on-line алатките, изработката на WEB страни од ден на ден станува се поедноставна и за просечните корисници на Интернет. Сепак, покомплексните WEB решенија бараат знаење на повисоко ниво како и соодветно искуство. Во почетокот, кога се обидувате да навлезете во водите на Интернет бизнисот и да стекнете сопствено искуство најдобро е да се потпирате на сопственото знаење и самите да си ги изработувате WEB страните. Понатаму, како вашите проекти ќе созреваат и растат можете да ангажирате и професионалци за WEB дизајн.

Најлесен начин да се изработуваат веб страни е со помош на така наречените
WEB сајт билдери кои претставуваат софтверски алатки кои значително го олеснуваат WEB дизајнот. WEB билдерите може да се поделат на on-line и off-line билдери во зависност од принципот на кој што функционираат.

Изработката на блоговите за кои што говоревме се одвива преку еден вид на on-line билдери. Како најпознати блог сервери ќе ги спомнеме wordpress.org и blogger.com кои преку drag and drop функцијата значително ја олеснуваат изработката на web страните. Поради едноставноста на употребата блоговите претставуваат исклучително популарни и се користат од голем број на поединци. Како недостаток кај блоговите можеме да ја наведеме малата можност за промени на дадениот концепт на поставеност на страните.

Многу сличен на концепт на on-line билдер како оној кај блоговите може да се најде и на pages.google.com каде добивате и ваш поддомен.

Еден од најпрактичните On-line билдери кои што можете да ги користите без надокнада на било кој ваш домен и хостинг е joomla.org. Слично како кај блоговите но со поголема можност за кустомизација (сопствено прилагодување) на брз и лесен начин можете да го развивате вашиот WEB проект. Оваа алатка особено им ја препорачуваме на почетниците кои што ќе регистрираат сопствен домен и ќе обезбедат хостинг.

Off-Line билдерите претставуваат софтверски алатки за изработка на WEB страни кои што работат локално на вашиот компјутер. Откако ќе ја изработите WEB страната истата потребно е да ја качите на вашиот хостинг сервер со помош на FTP програма. Бесплатните Off-line билдери најчесто имаат повеќе недостатоци од предности но сепак можете да се обидете со еден од најпопуларните off-line билдер BlueVoda (vodahost.coм).

Доколку имате основни познавања од HTML ви препорачуваме е да ги прескокнете сајт билдерите и да започнете да работите со пософистициран софтвер за изработка на WEB страни како што се на пример MS FrontPage и Dreamweaver. Овие програми, освен изработката на едноставни страници нудат можност да се работат и сложени проекти кои автоматизирано ја организираат структурата на WEB страната и истата да ја качуваат на серверот по потреба, односно да функционираат слично како сајт билдерите. Други предности се тоа што постои голема можност за прилагодување на страните според вашите потреби и контролирање и менување на програмскиот код на страниците.

Без разлика на каков начин ќе се одлучите да ја изработувате вашата WEB страна користењето на WEB шаблони (templates) значително ќе ви ја олеснат работата. Шаблоните претставуваат однапред изработени графички решенија за WEB страните со што на вас останува да го прилагодите и да ги дополните со соодветна содржина. Дел од наведените програми имаат интегрирани шаблони а нови бесплатни би можеле да најдете на freewebtemplates.com и други слични страници.

Влезни линкови и Google PageRank

Изградбата на мрежа од влезни линкови, за која што говоревме претходно, ќе ви помогне да привлечете посетители преку самите линкови но и ќе го подобри рангирањето на вашата веб страна во пребарувачите. За влезни линкови ги третираме сите оние линкови кои што се наоѓаат на други веб страни насочени кон нашата.

Влезните линкови се еден од најзначајните елементи на оптимизацијата на пребарување. Причината поради која што пребарувачите даваат голема тежина на влезните линкови е поради тоа што се смета дека можноста за нивно контролирање и манипулирање е многу помала за разлика од внатрешните елементи на оптимизација.

Значењето на влезните линкови произлегува од две димензии. Првата димензија е квантитетот на линковите изразен преку PageRank-от (Популарност на веб страницата), додека втората димензија се однесува на квалитетот на влезните линкови и слободно може да се каже дека е со поголема важност од првата од аспект на оптимизацијата.

Популарноста на WEB страницата (Global link popularity) претставува концепт на мерење на вредноста на секоја WEB страница заснована на бројот на сите влезни линкови кон неа. Ваквиот концепт први го воведуваат од Google и го нарекуваат PageRank. Со помош на овој концепт Google исфрла високо релевантни резултати и за брзо време станува пребарувач број еден во светот. PageRank-от и денес претставува еден од главните фактори при рангирањето на резултатите од пребарувањето но не и единствен.

Концептот на системот кој што го поставуваат; Сергеј Брин и Лауренс Пејџ, основачите на Google, е навидум едноставен; Доколку страницата А има линк насочен кон страницата Б, тогаш страницата А го дава својот „глас“ за страницата Б. Колку повеќе гласови има една веб страницата толку е поголема нејзината важност. Притоа секој влезен линк нема иста вредност и зависи од популарноста на страницата од каде што доаѓа и бројот на други излезни линкови. Тоа значи дека PageRank-от на една веб страница ќе биде поголем доколку има поголем број на влезни линкови од страници со повисок PageRank што имаат помал број на други излезни линкови.

PageRank-от на една страница може да се движи од 0 па се до 100 милиони дури и повеќе. Вистинскиот PageRank останува деловна тајна за интерна употреба на Google додека Google Toolbar алатката (toolbar.google.com) покажува вредности помеѓу 0 за најмалку популарните и 10 за страниците со највисок PageRank. Се смета дека Google Toolbar мерачот е логаритамска скала од вистинските PageRank вредности. Како резултат на пресметката со логаритамска скала, многу полесно е да се постигне PageRank 4 отколку на пример 5 или 6. Логаритамската скала на Google Toolbar меѓу другото значи и дека страници со иста PageRank вредност во Toolbar-от може да имаат огромна разлика во вистинскиот PageRank.

Доколку сакаме да влијаеме во насока на зголемување на линк популарноста на одредена веб страна треба да имаме предвид дека: 1. PageRank-от е мерка за популарност на една веб страница, не на цела веб страна. Доколку се говори за популарност на веб страна тогаш се мисли на PageRank-от на почетната (index) страница на таа Веб страна бидејќи најчесто почетната страница е и со најголем PageRank. 2. Една веб страница може да има PageRank само ако е индексирана 3. Страници без линкови кон други страници трошат дел од PageRank-от бидејќи не го пренесуваат потенцијалот на својот глас кон другите страници внатре во структурата на веб страната. Тоа може да се реши на едноставен начин со поставување на еден повратен линк. 4. PageRank-от во рамките на една веб страна може да се зголеми на два начина: прво со порастот на бројот на страници во структурата на страната, иако ваквиот пораст е минимален поради малиот почетен PageRank, и второ со обезбедување на линкови од надвор. 5 PageRank-от во поодделните внатрешните страници може да се распореди на тој начин што кон позначајните страници ќе се постават најголем број на внатрешни и влезни линкови. 6. Излезните линкови од страницата предизвикуваат т.н. истекување на PageRank. Имено, наместо вредноста на линкови да се насочи внатре кон сајтот, со излезните линкови се пренесува надвор. Од тие причини се препорачува излезни линкови да се поставуваат на страници со помал PageRank, страници со поголем број внатрешни линкови или во линкот да се додаде атрибутот rel=”nofollow”.

Од аспект на Оптимизацијата на пребарување значајно е да се истакне дека PageRank-от е само еден од многуте фактори врз основа на кои што се врши рангирањето при пребарувањето, што значи дека не треба секогаш да се дава приоритет на зголемување PageRank-от.

Квалитетот на влезните линкови зависи од: употреба на клучни зборови во текстот на линкот, и сродноста на содржината на страната од каде што доаѓа надополнет со популарноста на таа веб страна.

Употребата на клучни зборови во текстот на влезните линкови е еден од најзначајните фактори на оптимизација на пребарување. Пример: Tekst na linkot . Линкот поставен на други WEB страни им укажува на пребарувачите за значењето на страницата во Интернет опкружувањето додека самиот текст во линкот директно укажува на темата и содржината на страницата кон која е посочен. Се разбира дека значењето на линкот е поголемо доколку тој доаѓа од страна со повисок PageRank но употребата на клучните зборови ја зголемуваат релевантноста на страницата токму за тие клучни зборови. Врз квалитетот на линкот и за тоа како ќе го третираат пребарувачите зависи и од текстот кој што непосредно го опкружува линкот.

За големото значење на влезните линкови и текстот на линкот при пребарувањето говори и еден интересен пример. Во септември 2006 година група на блогери со поставување на десетици линкови, успеале да издејствуваат, за терминот „miserable failure“ на прво место во главните пребарувачи да се појавува веб страницата со биографијата на Американскиот претседател Џорџ Буш. Посочената WEB страница не содржи нити еден од наведените зборовите, а сепак е постигнат саканиот ефект.

Од аспект на квалитетот и квантитетот на влезните линкови можеме да заклучиме дека; секој линк од било која индексирана страница има одредена вредност под услов да не се наоѓа во јава скрипта и да не го содржи nofollow атрибутот; Линкови од страници со повисок PageRank имаат поголема вредност од линкови од страници со понизок PageRank; колку повеќе излезни линкови има на една страница толку е помала вредноста на секој линк; линкови од сродни страници по содржина имаат повисока вредност; Вредноста на линкот е многу поголема доколку тој ги содржи клучните зборови за кои се оптимизира страницата.

Електронска препродажба – Афилијација

Дали некогаш сте размислувале да отворите бурекџилница на партизанска, бутик во центарот на градот или тезга на зелено пазарче? Електронската препродажба можеби не е класичен начин на трговија но затоа пак има голем број на предности. Прво не ви се потребни големи инвестиции. Се што ви треба е компјутер интернет врска и се разбира знаење. Дури немора да имате и сопствена WEB страна иако тоа е препорачливо за сите сериозни и долгорочни online бизниси. Исто така замислете да имате тезга на пазарче која работи 24 саата а вие немора ни да одите таму. При електронската препродажба немора ни да чувате залихи од производите што ги продавате а и немора вие да ги наплаќате и испорачувате до купувачите. Вашата задача е едноставна, да најдете заинтересирани купувачи и да им препорачувате соодветни производи. Доколку некој одлучи да купи вие ќе добиете соодветна провизија за тоа. Ваквиот систем на електронско посредување помеѓу продавачите и купувачите се нарекува и афилијација или афилијативна продажба. Постојат и некои други форми на електронска препродажба преку т.н. dropship дистрибутери за кои ќе говориме во некоја наредна прилика.

Преку афилијација може да се понудат голем број на разновидни производи и услуги или со други зборови буквално се што се нуди на интернет може да се понуди и преку афилијација. Меѓу актуелните дејности за афилијација ќе споменеме: облека, канцелариски материјали, мебел, спортските обложувања, туристичките услуги, софтвер, online едукација, диети, храна и пијалаци, осигурувања, медикаменти и многу други. Провизијата за остварената продажба се движи од 1% па до 50% зависно од видот и вредноста на производот како и од продавачот. Афилијацијата функционира на принцип на линкови кои водат до web страната на продавачот при што електронски се следи преку кој посредник пристигнал купувачот. Со повисоко ниво на познавања во WEB програмирањето може да постигне понудата на продавачот да биде интегрирана и во WEB страната на посредникот т.е. препродавачот.

Една од првите on-line продавници која што започна со ширење на мрежа од афилијативни партнери е Амазон.цом која што воедно голем дел на својот успех го должи на илјадници партнери ширум светот кои што пак од друга страна добија можност да остварат исто така големи заработки. Денес постојат милиони продавачи кои што ги нудат своите производи и преку афилијативни партнери и нивниот број континуирано расте со што се збогатува и асортиманот на производи. Провизијата која што Амазон ја исплатува е 5% и е релативно ниска во однос на некои нови играчи кои што со цел да ги побијат своите производи нудат многу подобри услови.

На страната Associateprograms.com, која претставува своевиден директориум на афилијативни продавници и мрежи, можете да ги пребарувате и прегледувате понудите за афилијација со краток опис и услови. Доколку не сакате вашата понуда да ја ограничите на еден производител со ограничен асортиман и приклучете се на некоја од афилијативните мрежи кои што обединуваат огромен број на продавачи во еден систем. Такви мрежи се на пример LinkShare.com, ClickBank.com, performics.com итн. Како една од најуспешните мрежи поради големиот број на продавачи со различен асортиман поволните услови, како и можностите за работа и од Македонија ја препорачуваме CJ.com. Откако ќе се регистрирате на CJ ќе можете да ги разгледувате продавачите по категории и производите кои што ги нудат како и условите т.е. висината на провизијата и бонуси за количини. Прелистувајќи ја понудата можете да добиете одлични идеи за вашиот иден online бизнис.

За да постигнете успех во афилијативната препродажба потребно е да следите одредени непишани правила. Како прво пожелно е да имате свој dot.com домен иако производи можете да понудите и на некој ваш блог. Одберете некоја маркетинг нитка и обидете се да ја покриете со соодветни производи. Маркетинг нитка е многу мал пазарен сегмент кој што има одредени потреби но не е атрактивен за големите играчи. Со покривање на повеќе такви нитки можете да си обезбедите солидни заработки. Така наместо да продавате мебел за сите вкусови продавајте мебел од ореово дрво или шкавчиња за чевли. Притоа на посетителите понудете им избор по однос на цени, големина, боја итн. но не нудете премногу производи што ќе им го отежнат изборот на купувачите. И како една од најважните работи е да им понудите на посетителите содржина во смисол на корисни информации, критики, прегледи, коментари со што ќе им го задржите вниманието и ќе ги поттикнете на акција. Доколку WEB страната ја претворите само во гола понуда на афилијативните производи ќе постигнете спротивен ефект.

Следна и најтешка задача ќе ви биде да донесете посетители спремни да реагираат на вашата понуда.